ОХРИД 2024: Aлушовски – приоритет ќе ни биде градење на системот и тимската хемија

Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.

Покрај домаќинот Охрид, на турнирот од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.

Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.

Тренерот на домашниот тим, Стевче Алушовски, вели дека приоритет ќе биде градење на системот и тимската хемија, како и воигрување на екипата.

„Моите очекувања од настапот на турнирот се напорната работа на тренинзите пред се во тактичко-техничкиот дел да ја пробаме против сериозните ривали. Имаме неколку нови ракометари за кои турнирот е добредојден за што подобро да се вклопат во тимот. Приоритет ќе биде градење на системот, тимската хемија и воигрување на екипата. Ќе настапиме во комплетен состав, сите играчи за среќа се здрави и со нетрпение го чекаат почетокот на турнирот“, вели Алушовски.

Охрид ќе се соочи со некогашните европски шампион Вардар и Целје, како и со српскиот Партизан.

„Имаме една балканска група, сериозни ривали, секоја екипа има промени во играчкиот кадар, но доаѓаат со квалитетни состави предводени од квалитетни тренери и овие екипи ќе бидат сериозен тест за нас пред почетокот на првенството и настапите во Европа. Не гледам некој изразит фаворит за трофејот, но сепак мала предност би дал на Олимпијакос, кој минатата сезона играше финале во Европскиот Куп, кое несреќно го загуби“, продолжи Алушовски.

Охрид по седум сезони се враќа во Европа.

„Целите на клубот за сезоната која претстои се пласман во плеј-офот, нормално со што подобра позиција и што подолго да останеме во Европскиот Куп, како Охрид се враќа по долго време“, заврши Алушовски.

Капитенот Иван Тасески ветува максимум за што подобар пласман на Охрид.

„Турнирот расте од година во година и доаѓаат доста добри екип. Добро е да се играат такви квалитетни натпревари пред почетокот на сезоната за воигрување на екипата, како за домашните предизвици, така и за Европа. Повеќе ривали ни се познати, а мислам дека фаворит за трофејот е Олимпијакос. Можам да ветам дека ние ќе го дадеме нашиот максимум за да обезбедиме што подобар пласман“, вели Тасески.

Тој посакува повторно да биде обезбеден излез во Европа.

„Во оваа сезона целта ни е повторно да излеземе во Европа, а зошто да не и некое повисоко место на табелата во однос на минатата сезона. Во Европскиот Куп немавме многу среќа во ждрепката, ни се падна еден од поквалитетните тимови, но и тау ќе се бориме да оствариме позитивен резултат“, заврши Тасески.

ОХРИД

заминаа: Стефан Дрогришки, Адмир Пелидија, Деан Шешиќ, Берин Бркиќ, Никола Стоилевски

дојдоа: Луцијан Бура, Градимир Чаневски, Дејан Кукуловски, Наум Костов, Живан Пешиќ

Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:

20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар

21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје

22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос

23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје

24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале