Познати судиите за Македонија во евро-квалификациите: Данци во Гумерсбах, Црногорки во Битола

Европската ракометна федерација ги делегираше официјалните лица за натпреварите од квалификациите за ЕП 2026. Женската репрезентација на Македонија е дел од квалификациската група 3 и за пласман на ЕП ќе се бори со Германија, Словенија и Белгија.

Првиот натпревар Македонија ќе го игра на гостински терен кај Германија во Гумерсбах во „Швалбе Арена“ со почеток од 19:30 часот на 16 октомври.

Овој дуел им е доверен на данските судии Никлас Нигард и Јонас Примдал, додека делегат ќе биде Мери Лин Агиус.

Втората средба на Македонија е закажана за 19 октомври од 18:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Важниот натпревар за нашата селекција ќе го судат Црногорките Јелена Вујачиќ и Анѓелина Казанегра, а делегат е Владимир Јовиќ од Босна и Херцеговина.

Пласман на ЕП 2026 во Полска, Романија, Турција, Словачка и Чешка, ќе обезбедат прво и вторпласираните селекции од шесте групи, како и најдобрите четири третопласирани од шест групи.