Одморот полека завршува, суперлигашите од утре во „погон“

Летниот одмор за ракометарите и ракометарките полека завршува и дел од нив од утре ќе се вратат на своите клупски обврски.

Шампионот Еурофарм Пелистер ќе ги стартува тренинзите на 23 јули, но дали тоа ќе биде со новиот тренер останува да видиме. Битолчани ќе имаат настапи на турнирите во Охрид и Скопје, пред Супер Куп натпреварот и стартот на Лигата на шампионите.

Вицепрвакот ќе стартува на 25 јули, а дел од подготовките ќе ги одработи во Пехчево пред настапите во Охрид и Скопје, односно пред Супер Куп дуелот и стартот на Супер лигата.

Со оглед на тоа што први ќе играат официјален натпревар во Европа, први со тренинзи стартуваат ракометарите на Кирил Лазаров. Освојувачот на трофејот во ЕХФ Европскиот Куп стартува со тренинзи на 21 јули, со реновиран ростер и со многу нови имиња. Веднаш по нив, на 22 јули, новиот суперлигаш Еурофарм Пелистер ќе го има првиот собир, а на 23 јули и Прилеп со новиот тренер Наум Танески ќе го означи стартот на подготовките.

Охрид со многу нови имиња и новиот тренер Борис Ројевиќ ќе „запали“ мотори на 25 јули. Пред настапите на турнирите во Струга и Охрид, „гладијаторите“ би требало да имаат и други меѓународни тестови.

Бутел Скопје ќе стартува со тренинзи на 29 јули, додека на 30 јули подготовките за новата сезона ќе ги започнат Радовиш, Тиквеш и Куманово, а допрва треба да се прецизира стартот на тренинзите на Струга, бидејќи и таму се уште се во потрага по нов предводник. Последни со тренинзи би требало да стартуваат ракометарите на Пролет, на 4 август.

Супер Купот ќе се игра на 3 септември, додека првото коло од новата сезона во елитната македонска конкуренција ќе се игра на 6/7 септември.