Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во рамките на петтиот натпревар од Лигата на шампионите ќе гостува кај полската Висла Плоцк.
Полскиот првак нема досега освоено ниту еден бод на четири одиграни натпревари и конечно посакува да ја прекине негативната серија.
Тренерот Чави Сабате вели дека ова е клучен натпревар за неговиот тим во елитната конкуренција.
„Ова е клучен меч за нас. Мора да се фокусираме на нас. Ќе биде комплициран натпревар, затоа што во Лигата на шампионите сите ривали се силни. Сепак пред нашите навивачи кои знаат да направат жешка атмосфера, се е можно. Мора да победиме на овој дуел и затоа ги повикувам сите фанови да навиваат најгласно што можат“, изјави Сабате.
Капитенот на Висла Плоцк, Микал Дашек, исто така ја потенцира важност на овој дуел.
„Мечот против Еурофарм Пелистер е најважен за нас. Овој натпревар мора да го сфатиме сериозно. Поддршката од нашите навивачи ќе биде многу значајна за нас. Еурофарм Пелистер е опасен тим, а тоа го покажа на последиот натпревар со Спортинг Лисабон, но ние веруваме во нашите можности. Време е да одиграме доббар меч и да ги освоиме првите бодови во Лигата на шампионите“, изјави Дашек.
Натпреварот меѓу Висла Плоцк и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во „Орлен Арена“ со почеток во 20:45 часот.