Поранешниот тренер на двократниот европски шампион Вардар, Гиљермо Милано, веќе има нова дестинација во својата кариера. Ж
Искусниот аргентински стратег е именуван за нов предводник на американскиот клуб Калифорнија Иглс, со кој ќе настапи на Светското клупско првенство што ќе се одржи во септември.
„Горди сме што можеме да објавиме дека Гиљермо Милано се приклучува на нашиот тим додека се подготвуваме за Светскиот куп на ИХФ. Со своето меѓународно искуство и лидерство, тој ќе донесе победнички менталитет на нашата екипа“, се вели во официјалната изјава на клубот од САД.
Милано доби отказ од Вардар во јуни, само неколку недели по потпишувањето на нов договор со „црвено-црните“.
Под негово водство, Вардар покажа знаци на стабилизација, но клупските турбуленции сепак доведоа до предвремен раскин на соработката.
Сега, Милано ќе има задача да ја подигне амбициозната екипа на Калифорнија Иглс на повисоко ниво и да се претстави во најдобро светло на глобалната сцена.