, Final - Füchse Berlin vs SC Magdeburg, TruckScout24 EHF FINAL4 2025, Cologne, Germany, 15.06.2025, Mandatory Credit © Eva Manhart / kolektiff

Oд руско сиропиталиште до тронот на Европа – животната приказна на јунакот во ЛШ!

Голманот на Магдебург, Сергеј Ернандез, е херојот на германскиот клуб. Со 18 одбрани во финалето на Лигата на шампионите, токму тој беше човекот кој донесе титула за германскиот гигант.

Но, она што се крие зад одбраните е приказна која ги надминува спортските рамки – приказна за судбина, загуба, ветување и исполнета мисија. Имал само три години кога бил посвоен од руско сиропиталиште од шпански пар – кондициски тренери.

„Роден сум во Кропоткин, Русија. Не се сеќавам многу на тоа време – бев само три години стар кога ме посвоија Хозе Луис и Грегорија. Ме однесоа со себе, станаа моја вистинска фамилија. Моето срце уште тогаш почна да учи шпански“, раскажува Ернандез.

По краток период во Русија, семејството се преселува во Данска, каде што татко му работи како кондициски тренер во Колдинг – еден од најреномираните клубови во тој период.

„Во Данска за првпат се запознав со ракометот. Не знаев тогаш дека ќе стане моја професија, но веднаш се вљубив во спортот“, вели Сергеј.

Кога имал 18 години, Сергеј ја доживува најголемата лична трагедија – починува неговиот старател и најголем поддржувач, татко му Хозе Луис.

„Сè што сум денес му го должам нему. Ми ја покажа дисциплината, ми влеа верба, жарот за спортот. Пред да замине, му ветив: ќе го сторам тоа. Ќе ја освојам Лигата на шампионите“

Од Шпанија до Португалија, преку Бенфика и Анаитасуна, па сè до Магдебург во 2023 година, Ернандез чекор по чекор гради стабилна кариера. Во само две сезони со германскиот клуб – освојува сè: Бундеслига, Куп, Суперкуп и сега – Лигата на шампионите.

„Не станува збор само за трофеј. Оваа титула е за моето семејство, за мојот татко, за секој миг кога бев на граница да се откажам.“

Во финалето на ЕХФ ЛШ против Фуксе Берлин, Ернандез беше непремостлива бариера. Со 18 одбрани, го зададе клучниот удар за титулата на Магдебург.

„Во Келн, кога ја слушнав сирената на крајот, погледнав нагоре. Знаев дека ме гледа. Сè ми се исполни“, заврши Ернандез во емотивната изјава.

Сергеј Ернандез не е само шампион на Европа. Тој е симбол на тоа како љубовта, семејството и внатрешната сила можат да ја променат судбината. Од руско сиропиталиште до еден од најдобрите голмани во светот – ова не е само спортска приказна. Ова е живот.