Молдавскиот интернационалец Игор Чиселиов, кој пролетниот дел од сезоната го мина во Радовиш и имаше значајна улога во опстанокот во суперлигашкото друштво, ќе има нов предизвик во кариерата.
Тој потпиша договор со исландскиот тим Тор Акурејри, каде што своевремено тренер беше Стевче Алушовски, а играат Томислав Јагуриновски и Костадин Петров. Во Тор Акурејри од ова лето ќе настапува и екс голманот на Скопје, Никола Радовановиќ.
Чиселиов, освен на левата, настапува и на средната бековска позиција, а првиот дел од сезоната го мина во финскиот ХИФК Хелсинки пред да дојде во Македонија. Потекнува од Олимпус Тираспол, каде играше до 2015 и оттогаш ја почнува интернационалната кариера.
Молдавецот играше за францускиот Ажаксио, за словачкиот тим Спорта Хлоховец, за израелските Рамат Ган и Нес Зиона, рускиот Динамо Челјабинск, па за турските Измир и Беледијеспор, пред да мине една сезона и во косовскиот шампион Беса, од кадешто заминува во Финска.
Меѓу сите ангажмани, има и краток во Индија во 2023 година, каде што беше прогласен за МВП на лигата и на завршниот турнир, каде неговиот тим Махараштра Ајронмен беше шампион.

























