Од минус шест до херојски триумф: Нант победи во последната секунда кај Гудме!

Францускиот Нант со херојски пресврт успеа да слави на гостувањето кај ГОГ Гудме со 34-33 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите, иако губеше со шест гола разлика во вториот дел, 22-16.

Данците водеа и со 33-31 на 100 секунди до крајот, но прокоцкаа три напади, за тоа време Нант ги реализираше своите шанси и ги казни сите грешки, а со голот на Брие во последната секунда гостите стигнаа и до победа.

Цели 27 минути се играше израмнет натпревар со менување на водството на двете страни, но пред паузата, Бјере и Лике се погрижија за плус три за ГОГ Гудме, 19-16, највисока предност дотогаш на данскиот тим.

Домашните беа одлични и на стартот на второто полувреме, непогрешливиот Бјере погоди за 22-16 и Нант беше во нокдаун. Таквата разлика ГОГ ја одржуваше до 45 минута, но искусниот француски состав навреме се „разбуди“.

По седум гола за Нант дадоа Турна и Бос, доека 11 пати за ГОГ погоди Бјере, а Лике додаде уште осум погодоци. Победникот од овој двомеч во четвртфиналето ќе се соочи со каталонскиот гигант Барселона.