Голема бура низ ракометните кругови предизвика информацијата што ја ласираа германските медиуми за трансферот на голманот Андреас Вулф од Келце во Магдебург и сето тоа пред нивниот двомеч од четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Спортскиот директор на полскиот првак, Михал Јурецки, ги демантираше таквите информации и вели дека никој не го контактирал клубот за трансфер на германскиот голман.
„Никој од Магдебург или кој било друг клуб не контактираше со нас за евентуален трансфер на Андреас. Ние не водиме преговори за негово заминување. Тоа се само шпекулации“, изјави Јурецки за „Спортове Факти“.
Вулф има договор со Келце до 2028 година, а Магдебург бара голман откако може да остане без Никола Портнер на долг рок.