Од Хановер знаат што ги чека – во Скопје ќе биде пеколно „нокаут финале“

Актуелниот освојувач на трофејот во ЕХФ Европскиот Куп оваа сезона ќе се проба во Лигата на Европа, но ќе стартува од квалификациското коло.

Тимот на Кирил Лазаров ќе се соочи со бундеслигашот Хановер, а во германскиот клуб знаат што ги очекува во Скопје.

„Авантурaта во Европа започнува. Ќе играме против противник кој ни е целосно нов. Знаеме дека македонските навивачи се познати по својата страст и гласна поддршка, па очекуваме пеколна атмосфера,“ изјави извршниот директор на клубот, Ајке Корсен за „Билд“.

Првиот натпревар ќе се одигра на 30 или 31 август, но најверојатно во „Свис Лајф Арена“ со капацитет од 4.400 гледачи, а не во големата арена во Хановер.

„Реваншот во Скопје ќе биде вистинско „нокаут“ финале, па затоа ќе се обидеме на домашен терен, пред нашата публика, да обезбедиме што подобар резултат и вистинска европска атмосфера во Хановер,“ додаде Корсен.

Реваншот во Скопје е закажан за 6 или 7 септември.