Женската репрезентација на Македонија денеска ги стартуваше подготовките за настапот на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија што стартува на 28 ноември.
По повредите на Коцева и Гакидова, селекторот Грчевски остана со 18 ракометарки на располагање, а веројатно нема да има нови повици пред патот на ЕП. Од утре составот ќе биде комплетен на тренинзите, кога ќе се приклучат Сара Ристовска и Ива Младеновска.
Македонија до среда ќе тренира во Скопје, в четврток заминува за Пореч, каде в петок и сабота ќе ги одигра последните две контролни средби против Хрватска и Србија.
Оттаму ќе замине во Дебрецин, на три дена пред стартот на ЕП, па ракометарките ќе имаат доволно време за аклиматизација пред стартот на континенталниот собир.
ЕП 2024 стартува на 28 ноември со дуелот против Шведска, на 30 ноември ривал ќе ни биде Турција, додека на 2 декември, Македонија ќе се соочи со домаќинот Унгарија.