Обрадовиќ не е повеќе селектор на Зеленортските Острови

Поранешниот тренер на Вардар, Љубомир Обрадовиќ, повеќе не е селектор на сениорската машка репрезентација на Зеленортските Острови.

Ракометната федерација на Зеленортските Острови преку социјалните мрежи информираше дека со екс стратегот на „црвено-црните“ не е постигнат нов договор, па така секој продолжува по својот пат.

Обрадовиќ во месец септември, 2021 година, седна на селекторската функција на Зеленортските Острови и заедно со неговите довчерашни избраници испишаа историја на Мундијалот 2023.

Зеленортските Острови на Светското првенство во јануари, кое се одржуваше во Полска и Шведска, направи историски успех, откако успеа да ја мине групната фаза.

Селекцијата од Африка со победата над Ургувај си обезбеди следен круг на Мундијалот и на крајот заврши на 23. позиција од вкупно 32 учесници.