Министерството за Спорт ги објави номинациите во девет категории во изборот за „Спортисти на годината“, а меѓу нив има номинирани од ракометот.
Во категоријата „Спортистка на годината“ номинирана е македонската репрезентативка Сара Ристовска, членка на Рапид Букурешт, која со националниот тим обезбеди место на ЕП 2024. Нејзини конкурентки се каратистката Михаела Мишовска, таеквондистката Милјана Рељиќ, кик-боксерката Леа Бошевска и фудбалерката Наташа Андонова.
Во категоријата „Млад спортист на годината“, номиниран е Дамјан Митев, кој со младинската репрезентација на ЕП 2024 во Словенија го освои деветтото место. Негови конкуренти се кик-боксерот Силвио Мировски, каратистот Стефан Стојановиќ, кошаркарот Никола Јаничиќ и самбо играчот Ахмет Факиќ.
Во категоријата „Млада спортистка на годината“, номинирана е Ива Младеновска, членката на Брест Бретањ, која играше на младинското СП 2024 во Македонија и на сениорското ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија. Нејзини конкурентки се кик-боксерката Марија Димовска, одбојкарката Мери Бошковска, фудбалерката Теона Голабовска и натпреварувачката во џиу-џицу, Катерина Ацевска.
Сениорската машка репрезентација, која заврши на 17 место на ЕП 2024 во Германија, е номинирана со сениорските репрезентации во фудбал, одбојка и карате, како и со кадетската кошаркарска репрезентација во категоријата „Најуспешен машки национален тим“. Помалку чудно е што немаше место за младинската машка репрезентација предводена од Раде Стојановиќ, која заврши на високото 9 место со само еден пораз на младинското ЕП 2024 во Словенија.
Во категоријата „Најуспешни женски национален тим“, номинирана е сениорската ракометна репрезентација која заврши на 18 место на ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија, заедно со одбојкарките и фудбалерките, како и со танцовите репрезентации во сениорска и младинска конкуренција.
Во категоријата „Најуспешен тренер-селектор“, номиниран е Кирил Лазаров, додека во категоријата „Најуспешна спортска федерација“, меѓудругите номинирана е Ракометната федерација на Македонија.
Гласањето на медиумите ќе трае до 18 декември, додека најдобрите ќе бидат прогласени кон крајот на годината.