Марек Марцињак кој во новата сезона ќе настапува за Вардар, во интервју за полски „ТВП Спорт“ откри како дошло до трансферот во Вардар, но и дека го поминува најбурниот спортски период во својата кариера.
Уште на крајот на 2024 година размислувал да се откаже од ракометот и на 29-годишна возраст да ја заврши својата професионална кариера.
Промена на мислењето донело повикот во репрезентацијата и деби настапот за Полска, со која настапи на СП. На крајот на март му беше понуден договор од поранешниот двоен европски првак Вардар.
„Повикот и деби настапот во националниот тим за мене беа како терапија. Повторно успеав да се „вљубам“ во ракометот. Потоа дојде понудата за трансфер во Вардар од мојот менаџер, кој е Србин и има добри контакти во клубови на Балканот. Како што е познато, таму сите се знаат меѓусебно“, вели Марцињак.
Трансферот беше објавен кон крајот на март.
„Контактите почнаа за време на собирот на репрезентацијата во март, кога игравме против Португалија. Пред првиот меч ми кажа менаџерот дека Вардар е заинтересиран и дека ќе имаат состанок за мене, но не очекував многу. Знам како функционираат овие работи – често се само шпекулации. Но веднаш по натпреварот во Гдањск добив повик дека интересот е сериозен. Тогаш почнав да верувам дека може да се случи. Среќен сум што се договоривме“, вели Марцињак.
Последните месеци донесоа големи промени – повик во репрезентацијата, Светско првенство, трансфер…
„Точно така. Крајот на 2024 и почетокот на 2025 ме изненадија позитивно. Претходно секогаш нешто ми недостигаше за да добијам повик. Бев во проширениот состав, на подготовки, но не добивав вистинска шанса…“, заврши Марцињак.
Полскиот репрезентативец ќе биде еден од триото десни бекови во Вардар со Кристијан Стаменковиќ и Урош Митровиќ.