Женската кадетска репрезентација на Македонија денеска го започнува настапот на првото Европското првенство со 24 селекции во оваа возрасна категорија.
Селекторката Даниела Новеска ги сумираше импресиите од настапот на ЕМОФ 2025, каде Македонија играше со ривали од типот на Франција, Норвешка, Унгарија…
„Најголем бенефит за овој нов состав кадетски репрезентативки беше самото учество на еден обемен и интензивен спортски настан каде што имавме можност да се сретнеме со репрезентации со највисок квалитет во секој поглед. Навистина имавме што да научиме, се коментарите на девојките и верувам дека сега се уште повеќе мотивирани за дополнителна работа и индивидуален ангажман на секоја од нив. На овие натпревари видовме дека ни недостасува многу снага и кондиција која за жал не можевме да ја добиеме на највисокото ниво само во подготвителен период од четири недели. За тоа треба работа години наназад, односно играчите да акумулираат вештини, знаење, и психомоторички да се развиваат со години и да се спремаат за вакви напорни натпреварувања. Затоа и евидентно е заостанување во комплетната физичка спретност како и натпреварувачка кондиција во турниски модел“, вели Новеска.
Таа смета дека напредок на оваа генерација ќе биде видлив веќе по настапот на континенталниот собир.
„Важно за нас е дека овие девојки денес се на пат за ЕП каде што ќе настапат со големо искуство од пет меѓународни многу јаки натпревари стекнати благодарение на EMOФ и сигурна сум дека од натпревар во натпревар ќе ја подобруваме нашата игра. Навистина сум среќна што можам да ја водам оваа генерација, посебно ме радува моментот кога гледам дека пробуваат да се корегираат, да бидат подобри и да го разберат и доживеат ракометот на ниво на кое тие до сега ниту тренирале и ниту имале можност да играат. Во перспектива сметам дека девојките ќе покажат уште поголем напредок особено после настапот на ова ЕП. Не очекува една исклучително силна Германија, многу посилна него што ја видовме на ЕМОФ, Словачка која заврши трета на Медитерански игри во февруари и Португалија како најголема непознаница, но сметам дека и тие се во тек со сите ракометни трендово и не се за потценување или помисла дека ќе биде лесно“, изјави продолжи Новеска.
Новеска на пат за Црна Гора поведе 17 ракометарки, меѓу кои се Таида Беровиќ и Ања Лашкоска, кои веќе настапија на едно големо натпреварување ова лето, младинското ЕП, и треба да бидат меѓу лидерите на оваа репрезентација.
„Имаме прекрасен амбиент и убава енергија во тимот, најважно е девојки да се вратат здрави дома и со едно искуство кое ќе им биде отскочна даска за нивните понатамошни кариери“, заврши Новеска.
Првиот натпревар на Македонија на ЕП ќе биде против Германија вечерва од 19:30 часот, утре е пресметката со Словачка од 14:30, додека на 2 август ќе биде дуелот со Португалија од 19:30 часот.