Новеска: Оваа генерација има потенцијал, само треба време за да созрее

На Европскиот младински олимписки фестивал, Македонија ќе има најмногу спортисти, а меѓу нив се и ракометарките до 17 години, кои ќе играат на турнирот во СРЦ „Кале“.

Македонија е во група со Исланд, Норвешка и Швајцарија и ќе има тешка задача да се избори за полуфинале.

Селекторката Даниела Новеска вели дека како одминуваше времето од подготовките, така младите ракометарки сфаќаа каков пристап треба да имаат и на тренинзите и на натпреварите, со оглед на тоа што се работи за прв собир на оваа генерација.

„Со оглед дека оваа генерација за првпат се собира и досега немаа ниту еден заеднички тренинг и меѓународно искуство, ние немавме време за експерименти и моравме да составиме експресно селекција, за што побрзо да го почнеме подготвителниот период. Квалитет на нашата лига не создава кадар кој може да се спротистави на европски квалитет, се одлучивме за подолг период на тренинзи, девојките се заедно веќе месец дена, работевме во Пехчево и во Скопје, а минатата недела одигравме двомеч со Хрватска. Таму се забележа неспретноста, неискуството, неработењето на физичка подготвеност во нашите клубови, за разлика од противничките кои веќе четврта година заедно работат и влезени се во систем кој функционира. Сепак драго ми е дека девојките ги сфатија своите грешки, самокритични се, ги увидоа и сфатија каков пристап треба да имаат и последните денови забележувам подобрување во самиот пристап на тренинг и за мене тоа е позитивен сигнал дека оваа генерација има потенцијал, само треба време да созрее и да почне да се носи со репрезентации како Хрватска“, изјави Новеска.

Натпреварите на ЕМОФ ќе бидат искористени како добра подготовка пред настапот на Европското првенство во Црна Гора.

„Девојките се трудат да постигнат тимски дух, позитивни се, но се уште учат како да се однесуваат на меѓународна сцена. Тоа неискуство е голем хендикеп и ЕМОФ ќе ни биде едно големо искуство затоа што после ни следи настап на Европското првенство. На домашен терен да одиграме пет меѓународни натпревари е значајано за оваа генерација која допрва доаѓа. За дел од противниците успеав да најдам материјали, Норвешка и Исланд играат типичен скандинавски ракомет со многу брзина, брзи додавања, многу дуели, но можам да ветам дека во делот на борбеноста и залагањето девојките ќе го дадат својот максимум“, продолжи Новеска.

Таа упати благодарност до новото раководство на РФМ, кое размислува за женскиот ракомет и вложува во него.

„Би сакала да изразам голема благодарност до Ракометната федерација на Македонија, ни обезбедија максимални услови за работа, а оваа нова гарнитура на РФМ стави до знаење дека размислува за женскиот ракомет, почнува да вложува во тоа и има големо трпение за сите нас кои доаѓаме како млади тренери со големи амбиции во поглед на резултатскиот исчекор“, заврши Новеска.

Македонија првата средба ќе ја игра на 21 јули од 16:00 часот во СЦ „Јане Сандански“ против Исланд, а на 22 и 23 јули во истото време ќе се соочи со селекциите на Норвешка и Швајцарија. Влезот за сите натпревари е слободен.