Новиот шеф на стручниот штаб на Куманово, српскиот стратег Александар Радосављевиќ, го одржа првиот собир со новата екипа, означувајќи го почетокот на подготовките за пролетниот дел од сезоната.
Според планот на Радосављевиќ и неговиот стручен штаб, екипата ќе работи со по два тренинга дневно, а до стартот на шампионатот на почетокот на февруари се планирани и две пријателски средби.
На првата прозивка, новиот тренер на располагање ги имаше сите ракометари на кои ќе смета во продолжението од сезоната, со исклучок на Христијан Михајловски, Стефан Лазаревски и Огњен Радојичиќ, кои нема да бидат дел од тимот во вториот дел од првенството.
Иако Куманово веќе ги загуби шансите за пласман во плеј-офот, амбицијата на клубот е да се прикаже во што е можно подобро светло во пролетниот дел од сезоната и да одигра квалитетни натпревари во Супер лигата.
























