Селекторот на машката репрезентација на Полска, Марцин Лијевски, пред неколку дена во интервју за ТВП Спорт изјави дека Михал Олејничак на штотуку завршеното Светско првенство двапати му кажал дека нема сила да игра во два правци.
Лијевски веќе за време на Мундијалот се пожали на односот на својот играч, но сега Олејничак излезе со соопштение во кое го обвини селекторот за лаги.
,,Како долгогодишен играч на полскиот национален тим, јас цврсто ги негирам лажните информации дадени за мене во интервјуто објавено на веб-страницата Sport.TVP.PL на 3 февруари 2025 година, изговорени од селекторот на полскиот репрезентација. Повеќето експерти и сите навивачи знаат дека отсекогаш сум играл со целосна посветеност во двете формации, како во клубот, така и во репрезентацијата”, стои во дел од објавата на Олјеничак.
Пред извесен период, ракометната куќа на Полска го казни кружниот напаѓач Камил Шипжак, бидејќи без дозвола го напуштил тренинг-кампот на националниот тим во Пореч среде Мундијалот.
По одлуката на полската федерација, се огласи Шипжак на социјалните мрежи истакнувајќи дека го напуштил тренинг-кампот по консултација со селекторот.
Полска имаше лош настап на Мундијалот, не успеа да ја помине групната фаза, па на крајот мораше да се задоволи со освоеното 25-то место.