Нов предизвик за Македонија на ЕП – кадетките на испит против Литванија

Женската кадетска репрезентација на Македонија ја очекува битката за пласман од 17 до 24 место на Европското првенство во Црна Гора, а со самото тоа и битка за опстанок меѓу најдобрите селекции.

Најважниот натпревар се игра денеска од 14:30 часот против селекцијата на Литванија, победа ги остава во трка нашите кадетки за 17 место, но и гарантира опстанок, додека пораз ги носи во битка за 21 место и неизвесност околу испаѓањето во ЕХФ шампионат, каде што ќе одат трите најслабо пласирани селекции.

Досега кадетките загубија од Германија и Словачка, одиграа реми со Португалија, ја победија Турција и убедливо беа поразени од Шведска во натпревар што треба побрзо да го заборават.

Литванките имаа три убедливи порази од Црна Гора, Чешка и Франција во групната фаза, а потоа за пласман беа поразени од Австрија исто така убедливо, но ја победија изненадувачки Романија.

Во случај на победа, следен ривал на Македонија ќе биде победникот од дуелот меѓу Норвешка и Фарски Острови, а во случај на пораз ќе играме против поразениот од овој двобој.