Селекторот на Норвешка, Јонас Виле, се најде на жестоки критики по последните настапи, откако Европското првенство оваа година не се одвиваше според очекувањата на Норвежаните.
Легендарниот репрезентативец Хавард Тведтен, кој постигна 809 голови на 208 настапи за норвешката репрезентација во периодот од 2000 до 2014 година, повика на промени и порача дека е време да дојде нов човек на клупата. Јонас Виле ја презеде селекцијата на Норвешка од Кристијан Берге во 2022 година.
„Ова секако е разочарување. Повторно не се боревме за медали како што беше пред неколку години. За жал, сметам дека ова не е доволно добро за да се продолжи со Виле. Мислам дека дојде време за промена и верувам дека таа ќе се случи“, изјави Тведтен.
Виле е на своето петто големо натпреварување со норвешката репрезентација. Норвешка заврши на шестото место на Светското првенство во 2023 година и на десеттото место на СП минатата година. На Европското првенство во 2024 година беше деветта, а истата година го освои шестото место и на Олимписките игри.
Под водство на Кристијан Берге, Норвешка освои сребро на Светските првенства во 2017 и 2019 година, како и бронза на Европското првенство во 2020 година.
„Сметам дека се потребни нови идеи. Виле имаше четири добри години со многу позитивни моменти, но никогаш не се боревме за медали“, заклучи Тведтен.
























