Норвешка е од друга димензија – ја прегази Холандија и ќе се бори за петто светско злато!

Актуелниот европски и олимписки првак Норвешка, ќе има можност да ги обедини овие две титули и со светската, откако обезбеди место во финалето на СП 2025.

Норвежанките славеа убедливо со десет погодоци против домаќинот на Мундијалот, Холандија, 35-25 и не им дадоа ниту мала надеж на „лалињата“ дека може да дојдат до изненадување.

Норвежанките досега во историјата имаат четири светски титули, а в недела ќе имаат можност за петто светско злато во финалето против Германија.

Неизвесноста траеше кратко на овој меч, додека беше 7-7, а потоа Норвешка почна да гради предност која само ја зголемуваше. Домаќинките имаа еден краток блесок, намалија на минус четири, но немаа сили за нешто повеќе.

Хени Реистад со десет гола беше најдобра кај победникот, а Нора Мерк даде пет. Во составот на Холандија се истакна Естевана Полман со шест гола.

Во битката за бронзата ќе се сретнат Холандија и Франција.