Нора Мерк за можниот настап на СП: Сметам на тоа, но ќе ја прифатам ситуацијата каква и да е

Норвежанката Нора Мерк, која ова лето се врати на ракометните терени по раѓањето на своето дете, зборуваше за камбек.

Шансите да настапи на Светското првенство во декември се големи, но Мерк вели дека ќе ја прифати секоја одлука.

„Сакам постојано да играм, но понекогаш заборавам дека ме немаше речиси една година. Сè оди добро, само треба да се вклопам во тимот и да ја вратам најдобрата форма. Емоциите се измешани, но ова е мојата работа,“ изјави десниот бек на Есбјерг и норвешката репрезентација.

Мерк откри дека би сакала да биде дел од националниот тим на претстојниот Мундијал, но одлуката ќе зависи од селекторот Оле Гунар Гјекстад.

„Во одредена мера сметам на учество на Светското првенство, но ќе ја прифатам ситуацијата каква и да биде. Ќе разговарам со Оле, тој ќе ја донесе конечната одлука. Не сакам да ветувам нешто што можеби нема да можам да исполнам, а и ме немаше цела година и не сум на списокот на репрезентацијата,“ додаде Норвежанката.