Легендарната романска ракометарка Кристина Неагу (37), четирикратна најдобра ракометарка во светот, ужива во животот по завршувањето на кариерата.
Таа стави крај на играчката кариера по сезоната 2024/25 и вели дека денес воопшто не ѝ недостига ракометот.
„Колку и да го сакав ракометот, воопшто не ми недостига. Сега можам да поминувам повеќе време со семејството и да не бидам врзана за тренинзи или натпревари. Се будам и размислувам што сакам да правам денес, без да морам да бидам на некое место во точно определено време. Не морам повторно да ја чувствувам болката и да се загревам. Секако, го правев сето тоа со љубов,“ изјави Неагу.
Таа додава дека и понатаму е активна и повремено тренира, но сега ужива во слободата што ја носи животот без обврски кон спортот.
„Го сакав ракометот и сè уште го сакам, но исто така го сакам и животот по ракометот. Не жалам за ништо – тоа беше најправилната одлука. Имав кариера од соништата, можеби дури и подобра отколку што сум сонувала кога бев дете,“ вели романската ѕвезда.
Неагу е една од најголемите ракометарки на сите времиња. Таа четирипати беше прогласувана за најдобра ракометарка во светот од ИХФ (2010, 2015, 2016 и 2018), што ја прави единствена по тоа достигнување.
Со репрезентацијата на Романија го освои бронзениот медал на Светското првенство во 2015 година, а беше и најдобар стрелец на повеќе европски и светски првенства.
На клупско ниво, играјќи за Будуќност од Подгорица, Неагу ја освои Лигата на шампионите во 2015 година, а со ЧСМ Букурешт остави голем печат во романскиот и европскиот ракомет. Освои бројни титули во домашното првенство и Купот на Романија, а повеќепати беше и најдобар стрелец во Лигата на шампионите.
Со својата извонредна кариера, голгетерски инстинкт и харизма, Кристина Нягу останува симбол на европскиот и светскиот женски ракомет.