Нилсен: Не сакам да кажам дека Веспрем е проколнат клуб, но…

Данскиот олимписки шампион и актуелен голман на Барселона, Емил Нилсен, изјави дека неговата најголема мотивација за трансферот во Веспрем е токму желбата да му помогне на унгарскиот гигант конечно да ја освои Лигата на шампионите.

Како што веќе беше објавено, Нилсен од летото 2026 година ќе ги брани боите на Веспрем, каде што ќе му се приклучи и неговиот сонародник, кружниот напаѓач Лукас Јоргенсен, исто така олимписки шампион со репрезентацијата на Данска.

„Знам дека мојот иден клуб никогаш досега не ја освоил Лигата на шампионите, и искрено се надевам дека тоа ќе успееме да го направиме заедно. Тоа беше мојата главна мотивација да ја сменам средината. Не сакам да кажам дека Веспрем е проколнат клуб, но сите знаеме колку пати беа блиску до трофејот, а не успеваа да стигнат до него. Се надевам дека ќе бидам еден од играчите кои ќе помогнат конечно да се симне тоа ‘проклетство’. Затоа и одам таму,“ изјави Нилсен.

Со овој потег, Веспрем уште еднаш покажува дека гради тим со највисоки амбиции во Европа, решен конечно да ја прекине долгогодишната низа на неуспеси во завршницата на Лигата на шампионите.

Нилсен, кој е познат по својата експлозивност и неверојатна рефлексна игра, се очекува да донесе свежина и стабилност меѓу стативите – токму она што му недостасуваше на клубот во клучните моменти изминатите сезони.