Данска ја продолжи доминацијата во машкиот репрезентативен ракомет и успеа да го освои четвртото злато во низа.
На финалниот натпревар против Хрватска, кој Данците го добија со 32-26, блескаше голманот Емил Нилсен.
Тој имаше 13 одбрани или околу 40% успешност, па откри дека имал тешка вечер, но и тежок ден пред мечот.
„Имав бурна ноќ. За малку ќе се разболев, тоа ме мачеше цела вечер. Не спиев цела ноќ, станав околу 9 или 10 часот наутро. Се разбудив половина час пред да одам во теретана. Цел ден не јадев ништо затоа што бев нервозен и под стрес, па навистина сум среќен што на крајот се беше според планот“, изјави Нилсен.
За Данска ова беше четврто злато по ред по она на СП 2019, СП 2021 и СП 2023.