Ракометарите на Барселона ја продолжуваат победничката низа во Лигата на шампионите, откако славеа на гости кај данскиот ГОГ Гудме со 30-23. Избраниците на Ортега беа предводени од голманот Емил Нилсен, кој на своите сонародници им фати дури 20 удари!
Каталонскиот гигант е на чекор до директното место во четвртфиналето, откако е осамен на првото место на табелата со 20 бодови, додека ГОГ нема да биде мирен и следните три кола околу своето место во елиминациите.
Домашниот тим водеше само на стартот на натпреварот со 1-0, а потоа се беше во знакот на гостинските ракометари, кои до паузата обезбедија плус три, 17-14.
Преку Мем, Карлсбогард и Абељо, Барса стигна до плус шест на стартот на вториот дел, го олади домаќинот и само рутински одработи до крајот на мечот.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ричардсон со шест и Мем со пет погодоци, додека кај ГОГ Гудме се истакна Мадсен со шест и Блонц со пет гола.