Уникатна спортско-гастрономска и енолошка приказна се случи во заливот Златна Вала кај Пељешац, каде поранешниот хрватски репрезентативец Никша Калеб (52) организира дегустација на специјални вина што една година зрееле во амфори на дното на морето.
Во соработка со сопственик на винарија Калеб наполнил врвно вино „Дингач“ во посебно изработени амфори, кои потоа биле сместени во кафези на морското дно, во идеални услови и постојана температура.
Првата дегустација ги воодушеви гостите – меѓу кои беа олимпијците Патрик Чавар, Петар Метличиќ, Жељко Јерков, Миливој Бебиќ, Тино Вегар, Синиша Школнековиќ и многу други, пишува „24Сата“.
„Ова е грчки тип амфора од островот Родос. Сакавме да ја поврземе Грција, како земја на Олимписките игри, со долината на Неретва, од каде потекнуваме. Амфорите оригинално служеле за чување на вино. Секоја кутија со амфора ќе биде нумерирана и ќе има бронзена плочка со името на оној кому му е наменето виното – изјави Калеб, истакнувајќи дека проектот е „приказна од Метковиќ“ бидејќи и тој и сопственикот на винаријата се од Метковиќ.
Во морето моментално зрее бербата од 2019 година – 400 шишиња по 0,7 литри и 100 по литар. Станува збор за ексклузивно, висококвалитетно вино, кое ќе се произведува само во најдобрите години.
Бидејќи оваа година нема да се полни ново вино, Калеб веќе подготвува нова идеја. На есен, заедно со поранешниот соиграч Петар Метличиќ, ќе започне проект за пакување маслиново масло во амфори.
„Моето семејство има маслинови дрва на Брач, а Петар предложи да пробаме со амфори. Ќе почнеме со 500 шишиња, па ќе видиме како ќе се развива приказната – откри Метличиќ.