Николовски и Поповски: Натпреварите ќе бидат возбудливи и израмнети

Завршниот турнир кај пионерите ќе се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, каде најдобрите четири екипи во оваа категорија ќе се борат за шампионската титула.

Домаќин ќе биде Еурофарм Пелистер 2, а ривал во полуфиналето ќе им биде „сино-белиот“ тим од Автокоманда.

Тренерите на битолчани, легендарните Игор Николовски и Кире Поповски го најавија пионерскиот Ф4 во салата „Боро Чурлевски“.

„Натпреварите на Ф4 се едни од највозбудливите спортски настани што со нетрпение го очекуваме и ние и играчите на Еурофарм Пелистер 2. Се надевам на фер и динамична игра, исполнета со страст, пожртвуваност и спортски дух. Очекувам играчите да го дадат својот максимум и да покажат зошто токму тие се полуфиналисти, а се надеваме и финалисти. Навивачката атмосфера, емоциите и неизвесноста ќе бидат дел од она што ги прават овие натпревари посебни. Се надеваме дека нашиот тим ќе го покаже својот квалитет и ќе ја однесе победата, но пред сè, посакуваме сите натпревари да поминат без повреди и со меѓусебна почит меѓу тимовите. Без разлика на резултатот, најважно е спортот да победи“, вели Николовски.

Поповски посакува поддршка од трибините.

„По прилично подолг период имаме Ф4 во Битола. Натпреварите ќе бидат возбудливи и израмнети, се надеваме на наша добра игра и дека ќе стигнеме до добри резултати. Играчите се подготвени и со нетрпение го очеуваат полуфиналето, се надеваме на добра игра и поддршка од трибините за пласман во финалето“, изјави Поповски.

Во второто полуфинале од 13:00 часот ќе играат Вардар и Охрид, битката за трето место е од 17:00 часот, а финалето ќе се игра од 18:30 часот.