Николовски блесна со 20 одбрани, Радовиш без шанса во Автокоманда

По ремито во Битола кај шампионот Еурофарм Пелистер, „сино-белите“ од Автокоманда им се вратија на победите во Супер машката лига. Избраниците на Кирил Лазаров славеа убедливо против последнопласираниот тим на Радовиш со 45-25.

За домашните не играа Ненад Костески, Кизиќ, Тордарсон, Стојковиќ, Митев…додека во гостинскиот тим не влегуваа во игра Каковски, Димов…Во „сино-белиот“ тим своите квалитети ги покажа кадетскиот репрезентативен голман Ѓорѓи Николовски, кој успеа да запре 20 гостински удари.

Гостите водеа преку капитенот Постолов на двапати на стартот на мечот и одржуваа рамнотежа на теренот десетина минути кога беше 10-8. Но тогаш домашните со серија голови на Борзаш и капитенот Ѓорѓиев, се одлепија на 13-8. Како одминуваше времето, така предноста на момците на Лазаров се зголемуваше па до паузата домашните практично ја обезбедија победата, 23-15.

Второто полувреме беше можност за сите играчи од два состави да добијат шанса за настап, па кадетот Александар Ѓорѓиев од Радовиш постигна гол од пенал во мрежата на тимот од Автокоманда.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ѓорѓиев со шест гола, како и Џонов, Ѓорговски и Петковски со по пет гола, а Васе Петров имаше шест погодоци за радовишани. Во следното коло „сино-белите“ ќе играат на гостински терен кај Прилеп, додека Радовиш ќе ја пречека Струга.