Николоски: Куманово нема да го потцениме, но сакаме да им се вратиме на победите

Тимот на Бутел Скопје очекува враќање на победничките патеки во Супер лигата по поразот кај Прилеп.

Нов предизвик за бутелци ќе биде домашниот натпревар со тимот на Куманово, кој доаѓа в сабота во „Антон Димитров“ од 18:00 часот.

Кадетскиот репрезентативец Петар Николоски очекува добрата одбрана да го реши победникот.

„Екипата на Куманово не смееме да ја потцениме, таа е достоен противник. Но ние напорно се спремаме и тренираме, ќе дадеме се од себе, со добра одбрана и помал број на грешки во нападот да дојдеме до сигурна реализација, а со тоа и враќање на победничката патека. Ривалот го познаваме од играта во досегашните натпревари, тие се добра екипа и според мене најголемата опасност доаѓа од бековите. Но со стабилна и фер игра треба да дојдеме до заслужена победа“, изјави Николоски.

Бутел Скопје секогаш во клупската историја во елитното друштво обезбедувал место во плеј-офот, а Николоски посакува тоа да биде случај и оваа сезона.

„Прво би сакал да се заблагодарам на моите тренери и моите соиграчи, за целосната доверба и поддршка што ми ја даваат. Како млад играч на Бутел Скопје, посветено работам и тренирам, со цел да напредувам и допринесам во реализација на нашата цел. Мојата лична амбиција е иста со таа на мојот тим – целта е една и заедничка, пласман во плеј-оф и што подобро место на табелата“, заврши Николоски.

Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Куманово се игра в сабота во салата „Антон Димитров“ со почеток во 18:00 часот.