Иако унгарскиот великан Веспрем загуби од Спортинг Лисабон во последното коло на Лигата на шампионите, главната вест од овој натпревар беше името на Ахмед Хешам.
Египетскиот репрезентативец одигра натпревар за паметење, постигнувајќи 12 голови, што го вметна меѓу најдобрите стрелци во историјата на клубот на меѓународната сцена.
Според статистиката на Веспрем, од 1977 година до денес само 15 пати играч на клубот постигнал 12 или повеќе голови на европски натпревар.
Но, највисокиот врв и понатаму му припаѓа на Кирил Лазаров – македонската легенда која двапати постигна по 14 погодоци во дресот на Веспрем, против Динамо Букурешт (2005) и Повашка Бистрица (2006).
Лазаров во вкупната статистика има четири меча со 12+ голови, со што го остава зад себе Марко Вујин, кој тоа го постигна трипати. Во елитното друштво на стрелци се наоѓаат и имиња како Јожеф Елеш, Златко Сарачевиќ, Мирза Џомба, Карлос Перез, Петар Ненадиќ…
Со блескавата партија на Ахмед Хешам, Веспрем доби нова ѕвезда, но легендарниот рекорд на Кирил Лазаров и по речиси две децении останува недостижен.