Бундеслигашкиот првак Кил ја оствари третата победа во Лигата на шампионите, откако славеше во Битола кај Еурофарм Пелистер со 23-20.
Наместо тренерот Филип Јиха, на прес конференцијата се појави спортскиот директор Виктор Силаѓ, кој ја пофали атмосферата во Битола.
„Филип Јиха не е тука, тој е болен и го загуби гласот за време на натпреварот. Воодушевен сум, атмосферата беше фантастична, ние сме среќни што освоивме важни два бода, кои беа наша цел уште пред доаѓањето во Македонија. Тежок напревар уште од самиот почеток. Направивме многу грешки и дозволивме противникот да биде блиску постојано. На крај пресуди нашето искуство. Среќен сум и за нашите нови ракометари, како и за новиот голман Беласен, кој дојде пред една недела и дебитираше во ЛШ“, рече Силаѓ.
Средниот бек Елијас Елефсен а Скипаготу одигра одличен натпревар и ја пофали атмосферата во Битола.
„Беше убаво да се чујат гласните навивачи уште од стартот. Ние не бевме на теренот така добри како што беа тие на трибините, но најважно е дека тоа што ја остваривме целта и си одиме со бодови од тука“, вели Скипаготу.
Кил в сабота го очекува големото бундеслигашко дерби против екипата на Магдебург.