Селекциите на Данска и Португалија ќе се борат за титулата на младинското Светско првенство во Полска, откако славеа во драматичните полуфинални средби против Шведска односно Фарски Острови.
Португалија ги победи Фарски Острови со 38-37 по трилер натпревар, кој можеше да се решава на пенали, но „овчарите“ промашија седмерец за реми и нови возбудувања. Херој на Португалците беше голманот Диого Рема, кој го одбрани шутот од седум метри по истекот на 80 минути и не дозволи мечот да се решава со пенали.
Португалците имаа плус два 38-36 во последната минута, но најпрво Фараните намалија на минус еден, а голманот Лачок одбрани и остануваа уште 45 секунди до крајот. Фараните не организираа брз напад, тргнаа да решаваат во последните секунди, но Магалаеш попречи изведување на удар од девет метри и доби црвен картон, а тоа значеше и пенал за Фарски Острови. Сепак Рема го одбрани шутот и ја однесе Португалија во финале и борба за злато.
Данците славеа со 40-37 против соседите од Шведска по продолженија откако регуларниот дел заврши реми, 36-36. Во десет минути Швеѓаните погодија само еднаш, а за тоа време Данците беа прецизни четири пати и успеаја по десетти пат да се пласираат во финалето во оваа категорија, а досега беа шампиони три пати.
Светско првенство младинци, полуфинале:
Данска – Шведска 40-37 прод.
Фарски Острови – Португалија 37-38 прод.
Светско првенство младинци, разигрување за пласман:
Австрија – Хрватска 30-26
Аргентина – Кореја 35-30
Мароко – Тунис 30-34
Франција – Шпанија 40-41
Mексико – Канада 37-26
Полска – Алжир 34-19
Романија – Јапонија 43-33
Уругвај – Саудиска Арабија 22-32
Унгарија – Швајцарија 32-37
Бразил – Бахреин 29-28
Исланд – Србија 35-38
Словенија – Египет 30-33
Македонија – САД 47-28
Норвешка – Германија 29-33