Нeверојатна животна приказна: Од фудбалски репрезентативец до ракометен херој!

Исланд одигра спектакуларен натпревар и со убедлива победа над Шведска од 35-27 направи голем заплет во групата 2 во битката за полуфиналето на Европското првенство.

Херој на вечерта беше Вигo Кристијансон, кој имаше перфектен учинок. Во првото полувреме ги реализираше сите седум обиди (7/7), а истото го повтори и во вториот дел со уште четири погодоци без промашување. Натпреварот го заврши со неверојатни 11 гола од исто толку шутеви, статистика која ретко се гледа на вакво ниво.

Освен што блеска на теренот, Кристијансон има и исклучително необична спортска приказна. Пред да стане ракометна ѕвезда, тој бил младински репрезентативец на Исланд во фудбал. Во 2013 година настапувал со Бреидаблик во квалификациите за Лига Европа, а ракометот како примарен спорт го избрал дури на 20-годишна возраст.

Неговиот пат не бил лесен, поминал и низ испаѓање во понизок ранг со данскиот Рандерс, но со трпение и посветеност успеал да се издигне до самиот врв. Потоа беше дел од австрискиот Вест Виен, пред во 2019 да се пресели во Бундес лигата.