Селекцијата на Исланд направи изненадување на Европското првенство и со убедлива победа над досега непоразената Шведска од 35-27 направи вистински хаос во Групата 2 од главната фаза на континенталниот собир.
Иако допрва треба да се одигра мечот меѓу Хрватска и Швајцарија, особено ако „коцкестите“ ја оправдаат фаворитската улога тогаш на врвот ќе има четири селекции со по четири бода – Хрватска, Шведска, Исланд и Словенија, па битката за полуфиналето ќе биде жестока.
Предводени од голманот Халгримсон, кој имаше 12 интервенции, Исланд уште во првиот дел имаше залиха што требаше да му донесе мирен финиш, 18-12. Сепак „трите круни“ не мислеа така, понесени од публиката во Малме, успеаја да направат камбек.
Двапати момците на Апелгрен се доближија на минус еден, но немаше многу расположени играчи што можеа да ја повлечат домашната репрезентација. Одново на сцена стапи Халгримсон, кој ги откажа последните напади на Швеѓаните и на крајот Исланд запиша убедлив триумф.
Исланѓаните уште од самиот старт настапија фуриозно и целосно го изненадија еден од домаќините на ЕП 2026. Аутсајдерот брзо се одлепи на 12-7 и со сигурна и дисциплинирана игра ја контролираше предноста, која до полувремето ја зголеми на плус шест (18-12).
Виго Кристјансон имаше 11 гола од 11 обиди, а Елисон стрелаше шест пати. Кај Шведска, Лагергрен даде пет погодоци.

























