Нема крај на проблемите – Колстад може да биде исфрлен од лигата!

На Колстад му се заканува испаѓање од највисоката норвешка лига. За да остане во неа, клубот мора да ја заврши 2026 година со позитивен финансиски биланс.

Клубот се соочува со сериозни финансиски проблеми, кои траат од поодамна, а секој ден ситуацијата е полоша, па нема да биде изненадување ако Колстад ја доживее судбината на Кристијансанд.

Раководството за локалните медиуми потврди дека клубот се наоѓа во тешка финансиска ситуација и дека е од клучно значење следната календарска година да ја заврши со позитивен биланс. Во спротивно, клубот ќе остане без лиценца за настап и во меѓународните натпреварувања, но и во највисоката норвешка ракометна лига.

Иронично, ваквата ситуација доаѓа во момент кога Колстад е лидер во домашното првенство, со 13 победи на 14 одиграни натпревари.

„Очигледно е дека се движиме кон негативно салдо. Ако сакаме да продолжиме да настапуваме во највисоката лига, мора уште сега да анализираме какви мерки ќе преземеме за да стигнеме до позитивен биланс до крајот на 2026 година“, изјави генералниот менаџер Јостеин Сивертсен.

Според Сивертсен, главните причини за влошената финансиска состојба се повлекувањето на дел од спонзорите и помалата посетеност на натпреварите од очекуваното.