Екипата на Нексе не успеа да обезбеди директен пласман во четвртфиналето во Лигата на Европа, откако на гостувањето во Шведска кај Савехоф доживеа пораз од 34:28.
Свое деби на клупата на Нексе имаше некогашниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, кој пред извесен период ја презеде тренерската функција во клубот од Нашице.
Од групата Б, во која се наоѓа Нексе, билет за четвртфиналето обезбеди Скјерн. Токму на Скјерн му одеше во прилог поразот на Нексе, бидејќи данскиот клуб успеа против Горење Велење да ги освои бодовите, но и првата позиција на табелата.
Нексе Нашице и Савехоф продолжуваат во осминафиналето, додека екипата на Горење Велење го завршува настапот на европска сцена, односно сега се насочува само на словенечкиот шампионат.
Еден од главните фаворити за освојување на титулата, тимот на Фленсбург, со победата над Силкеборг од 45:26 го завери местото во четвртфиналето.
Од групата Ц освен екипата на Силкеборг, во осминафиналето ќе игра Кадетен Шафхаузен или Војводина. Овие две екипи во терминот од 20:45 часот ќе го одиграат вториот меѓусебен натпревар.
Во групата Д, португалскиот Спортинг Лисабон успеа да триумфира во Романија кај Динамо Букурешт и со денешниот триумф заврши на првото место во групата.
Спортинг Лисабон обезбеди директен пласман во четвртфиналето, а Фуксе Берлин и Динамо Букурешт за да играат четвртфинале ќе мора да го поминат осминафиналето.
Нант од Франција, тим кој исто така е кандидат за висок пласман, е четвртфиналист од првата група. Од оваа група во осминафиналето ќе играат двата бундеслигаши – Рајн Некар и Хановер.
Лига на Европа, главна фаза, 4. коло, резултати:
Група А
Рајн Некар – Забже 27:23 (10:8)
Нант – Хановер 20:45ч
Група Б
Савехоф – Нексе 34:28 (17:15)
Горење – Скјерн 24:29 (14:13)
Група Ц
Силкеборг – Фленсбург 26:45 (17:19)
Војводина – Кадетен 20:45ч
Група Д
Динамо – Спортинг 27:31 (11:15)
Фуксе – Констанца 20:45ч