Некогашен вардарец со нова улога во црногорскиот ракомет!

Поранешниот ракометар на Вардар, Васко Шеваљевиќ, е нов директор на машката репрезентација на Црна Гора, откако ја доби поддршката од Управниот одбор на предлог на претседателот на црногорската ракометна куќа – Петар Каписода.

Откако пред извесен период за нов селектор на Црна Гора беше назначен поранешниот репрезентативец на Франција, Дидие Динар, се појави потреба и од именување на директор на машката репрезентација.

Шеваљевиќ, како довчерашен репрезентативец и капитен на репрезентацијата, одлично го познава системот на работа, што ќе ја олесни комуникацијата меѓу раководството на федерацијата и стручниот штаб, но и помеѓу играчите и новиот селектор.

36-годишниот Шеваљевиќ по завршувањето на играчката кариера се врати во својата татковина и основа клуб во родниот град Котор. Левиот бек во Вардар го мина пролетниот дел од сезоната 2020/21.

Црна Гора не успеа да се пласира на Светското првенство 2025, во баражот беше елиминирана од Италија, па главниот фокус на Црногорците ќе бидат квалификациите за пласман на Европското првенство 2026.