Поранешен селектор на женската репрезентација на Македонија, и тренер во неколку други машки и женски екипи е нов тренер на тимот на Бисинов од Велес. Се работи за Владимир Глигоров кој од синоќа ја презема функцијата на клупата на новиот суперлигаш.
Глигоров ќе има задача да обезбеди опстанок во елитното друштво со Бисинов, кој по седум одиграни кола во Супер лигата запиша само една победа, на гостински терен кај Струга и шест порази во следните шест натпревари, од кои повеќето беа двоцифрени.
Искусниот стратег во вториот дел од минатата сезона беше дел од косовскиот Кастриоти со кој го освои трофејот во Купот, но не ја продолжи соработката, а претходно ги водеше Голден Арт и Вардар Неготино.
Глигоров пред две години се врати во Македонија по работата во Сирија, со која играше на Азиското првенство, а претходно работеше во Саудиска Арабија и Либан.
Женската селекција на Македонија предводена од Глигоров беше осма на ЕП во 2008 година. Во Македонија работеше во Кометал Ѓорче Петров, во Металург РА, Радовиш, како и во уште неколку екипи.
Капитенот на Бисинов, Ивица Илиев, кој имаше двојна улога во клубот како тренер-играч, во иднина ќе може да се посвети само на играчката кариера на теренот.