Долгогодишниот хрватски репрезентативец и легенда на Загреб, Златко Хорват, некогашен ракометар на Металург и унгарскиот Дабас е избран за нов претседател на ракометниот клуб Дубрава.
Клубот од хрватската престолнина ја потврди одлуката преку официјално соопштение, по седницата на Собранието на кое едногласно беше избрано едно од најпознатите имиња во хрватскиот ракомет.
„Голема чест и гордост е за мене да ја преземам улогата претседател на клубот. Се радувам на предизвиците што се пред мене и луѓето во клубот. Свесен сум за проблемите со кои се соочуваме, но верувам дека со заедничка работа и јасна визија можеме да го подигнеме клубот на повисоко ниво. Ќе ја прошируваме базата на играчи и фокусот ќе биде ставен на работата со младите. Нашата главна цел во овој момент е јасна – враќање на местото каде што клуб како Дубрава и припаѓа, а тоа е Премиер лигата“, изјави Хорват.
Златко Хорват на функцијата го наследува Дражен Жунац, чиј мандат на чело на клубот траеше цели 12 години.
Хорват најголемиот дел од својата играчка кариера го мина во Загреб, каде настапуваше од 2002 до 2020 година и беше и капитен на екипата. Потоа играше во скопски Металург, кариерата ја заврши во унгарскиот Дабас, по што се врати во Хрватска и сега започнува ново поглавје – овојпат како спортски функционер.

























