Женската репрезентација на Македонија се подготвува за настапот на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија, но јавноста можеби ќе биде ускратена за можноста да ги следи натпревари со македонски коментар.
Според информациите објавени на сајтот на Европската ракометната федерација, многу ТВ куќи од регионот, Европа и светот до денеска ги откупиле правата за преноси на натпреварите од континенталниот собир, но меѓу нив не е ниту националниот сервис МТВ, ниту некоја од другите ТВ куќи од Македонија што во минатото вршеле преноси од ракометните настани.
Регионалниот спортски ТВ канал Арена Спорт, ги има правата за преноси на ЕП во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Словенија. Во Србија покрај Арена Спорт, натпреварите на домашната репрезентација ќе пренесува и националниот сервис РТС, исто како и во Словенија, РТВ Словенија. Во Хрватска, натпреварите од ЕП ќе се гледаат на РТЛ, додека во Црна Гора на РТЦС.
Информациите од македонскиот национален сервис се дека преговорите со примарниот носител на ТВ правата, се уште траат и неизвесно е дали натпреварите од континенталниот собир ќе бидат пренесувани на МТВ, а доколку договор биде постигнат, тоа ќе биде во последен момент.
Македонија со Шведска игра на стартот на ЕП, на 28 ноември од 20:30 часот, а потоа ќе следуваат средбите со Турција и Унгарија.