Неготинци со голот на Димов освоија бод против Младост, Драчево беше сигурен во Штип

Екипата на Вардар Неготино со голот на Илија Димов во последната секунда освои бод против Младост Богданци, 30:30 (13:17), во натпревар од 16. коло од Првата лига.

Иако гостите од Богданци беа доминантни во првиот дел, водеа и со седум гола разлика, сепак, домаќините се бореа до самиот крај и успеаја да извлечат реми.

Во домашниот табор одлична партија имаше Мирослав Митевски, кој постигна 13 погодоци, пет додаде Лазар Стојанов, а четири запиша Костадин Петров.

Кај Младост Богданци прво име беше Димитар Пеев со шест реализации,  пет имаше Антонио Николоски.

Вардар Неготино и Младост Богданци веќе од порано си имаат обезбедено пласман во плејоф фазата.

Драчево, кој исто така ќе игра во плеј-офот, дојде до 9-та сезонска победа во Штип, откако славеше над Текстилец со 35:28 (16:13).

Победничката екипа беше предводена од Ѓорѓи Дука со десет погодоци, а во поразениот табор најефикасен беше Јован Атанасовски со седум погодоци.