Ракометарите на Вардар денеска ги стартуваа подготовките за новата сезона во која ќе имаат големи амбиции на домашна и меѓународна сцена.
Тренерот Владо Недановски на првиот тренинг можеше да смета на сите нови ракометари кои го засилија тимот.
„Нашите амбиции се високи – да освоиме двојна круна во Македонија и да се прикажеме во добро светло во Европа. Ростерот е скоро комплетиран, но ќе ангажираме уште еден чувар на мрежата, а преговараме со неколку имиња. Мислам дека во текот на сезоната нема да имаме потреба за нови засилувања, но ќе покаже времето. Сите наши противници – Еурофарм Пелистер, Тиквеш, Охрид…ги засилуваат своите ростери и сигурен сум дека не оечкува интересна сезона што ќе биде исполнета со добар ракомет“, изјави Недановски.
Вардарци се засилија со бековите Дмитро Горига, Марио Танкоски, Младен Крсманчиќ, Томче Стојановски и Ашреф Мергали, пивотот Ларс Коиј и десното крило Мигел Пинто.
Пред стартот на новата сезона, Вардар ќе игра на турнирите во Струга и Охрид.