Мечот меѓу Вардар и Порто од третото коло на Ф групата од Лига Европа, за двата клуба има огромно значење, и ќе покаже кој е на патот кон следната фаза. Средбата е закажана за утре во 20,45 часот во СЦ „Јане Сандански“.
Македонскиот тим има една победа по две одиграни кола, а Порто само еден и „киксна“ на гостувањето во Исланд. Сега и „црвено-црните“ бараат шанса да останат во врвот на табелата во групата.
„Мечот со Порто знаеме колку е важен, доколку сакаме да ја поминеме групата. Во првото коло имавме добро издание пред домашна публика, а потоа во Мелсунген не беше како што посакувавме и загубивме убедливо. Тоа е веќе минато, размислуваме за дуелот со Порто, анализираме и тренираме за средбата. Добро се покриени на сите позиции со квалитетни играчи. Свесни сме и зрели колку овој натпревар значи за Вардар. Нема штедење и размислување, една и единствена опција е победата, вели Владо Недновски, тренерот на Вардар.
Противникот е веќе анализиран, и остануваат уште детали што треба да се доработат на тренинзите.
„Предноста на Порто е тоа што играчите им се искусни во Европа, што не е случај во нашата екипа. Најголемата опасност од Порто доаѓа од среден бек, како и нивните кружни напаѓачи кои се крупни и прават проблеми. Имаат добар голман и играат брз и модерен ракомет. Денес ќе доработиме на тренинг како може да се подготвиме за добар резултат, вели Недановски.