Чешкиот тим Хазена Кинжварт е противник на македонскиот шампион Ѓорче Петров во осминафиналето од Европскиот Куп. Победникот од двомечот што ќе се игра во јануари ќе се пласира во ТОП 8 во третото по ранг европско клупско натпреварување.
Кинжварт е тим што вторпат настапува во Европа, откако своето деби го имаше минатата сезона и мина една пречка во овој ист Куп. Тогаш во првото коло го елиминираа турскиот Јенимале, а потоа два пати загубија од шпанскиот Хихон.
Оваа сезона во првата рунда го минаа швајцарскиот Винтертур со две победи 29-25 и 31-29, а ист беше случајот и со холандскиот Вестфрисланд, кој беше два пати совладан со 31-24 и 30-23.
Кинжварт не е од рангот на Гран Канарија, Елче или Гранољерс, кои беа можни ривали, но секако дека треба да се сфати сериозно. Тренер на екипата е Петер Сабатка, кој за помошник ја има легендарната чешка голманка Ленка Черна, а двајцата своевремено беа во стручниот штаб на репрезентацијата на Словачка.
За Европскиот Куп оваа сезона имаат пријавено 18 ракометарки – меѓу кои пет се интернационалки. Станува збор за бекот од Украина, Софија Безрукова, потоа Црногорките Марија Божовиќ и Ивана Ѓуровиќ, кои исто така играат на бековските позиции, како и Ана Марија Патрнчиакова и Наталија Неметова од Словачка.
Токму 33-годишното крило Патрнчиакова е најдобар стрелец на тимот со 26 гола во Европскиот Куп, додека Безрукова има дадено 19 гола на четирите средби. Пикерот Катка Дреслерова е третиот стрелец во Кинжварт со 12 погодоци.
Имаат две репрезентативки на Чешка – тоа е претходно споменатата Дреслерова, како и голманката Сабрина Новотна, плус уште три ракометарки кои се дел од младинската репрезентација на Чешка. Неметова исто така е репрезентативка, но таа игра за Словачка.
Во регионалната МОЛ лига, каде се натпреваруваат во првиот дел од сезоната заедно со екипите од Словачка по 11 одиграни кола, имаат биланс од седум победи, едно реми и три порази, што е доволно за петтото место на табелата.
Во меѓувреме ќе одиграат уште два меча од МОЛ лигата и од Купот на Чешка, па стручниот штаб на македонскиот првак ќе има можност да се запознае со квалитетите на ривалот. Првиот меч меѓу Ѓорче Петров и Кинжварт ќе се игра на 13/14 јануари во Скопје, додека реваншот е една недела подоцна на гостински терен во Чешка.