Не може без драма: Жилавата Унгарија и украде бод на Шведска!

Селекцијата на Шведска направи уште еден кикс во главната рунда на Европското првенство и одигра само нерешено со Унгарија, 32-32, иако имаше шанса на празен гол да погоди за победа, но голманот Паличка не реализираше во последната секунда.

Сега Хрватска е прва со шест бодови, Исланд е втор со пет, додека Шведска има исто толку на третото место, а шанси за полуфиналето постојат и за Словенија која четири бода на четвртата позиција.

Во поголем дел од мечот Унгарците ја имаа предноста, а Швеѓаните бркаа негатива, а во последните пет минути се влезе со предност за домашните, 30-28. Тогаш почна вистинска драма.

Унгарците со серија од три гола го преземаа водството, а водеа и со 32-31. На стартот на последната минута Шведска израмни. Унгарија долго ја држеше топката, судиите досудија пробивање по ударот на Сита и останаа уште неколку секунди.

Шведскиот голман Паличка виде дека голот на Унгарија е празен, шутираше, но топката отиде покрај голот и мечот заврши со поделба на бодовите, а домаќините си ја комплицираа работата околу пласманот во ТОП 4.

Најдобри стрелци во шведскиот состав беа Клар со десет и Ване со пет погодоци, додека голманите Паличка и Апелгрен имаа десет интервенции. Кај Унгарија голманот Паласич запиша девет одбрани, а најдобри стрелци беа Рошта и Имре со по осум гола.

Во последното коло Шведска игра со Швајцарија, Хрватска против Унгарија, а Словенија ќе се соочи со Исланд.