Не го видоа германскиот гол: „Панцирите“ експресно ги “сомлеа“ Швајцарците!

Домаќинот Германија и дозволи на Швајцарија само 14 погодоци и со убедлива победа од 27-14 го стартуваше настапот на ЕХФ ЕУРО 2024. Пред преполната „Меркур Шпил Арена“ и на крилјата на феноменалниот Волф на голот германците си поигруваа со противникот и со стил го стартуваа ЕП.

Домаќинот уште од самиот старт наметна темпо за кое Швајцарците немаа одговор. Подвижната германска одбрана на чело со феноменалниот Волф беше непремостива пречка за противникот. По почетните десетина минути кога на семафорот стоеше 4-3 за Германија, домаќинот го засили темпото иницирајќи серија од 5-0 за прво сериозно водство од +5 (9-3) по дваесет минути игра. Кнор и Костер ја водеа играта на Германија, а Волф беше одличен на голот со девет одбрани на полувреме. Последните десетина минути од првото полувреме се одиграа во исто темпо, Швајцарија успеа да намали само еден гол од највисоката предност на противникот па Германија замина на полувреме со предност од 13-8.

Во вториот дел Германија продолжи со одличната игра константно зголемувајќи ја својата предност. Швајцарија немаше идеа во нападот па по 15 минути игра во вториот дел успеа да постигне само два гола, за разлика од противникот кој имаше постигнато дупло повеќе голови од противникот за водство од 20-10 во 45.минута.Последните петнаесетина минути беа чиста рутина за Германија која константно ја зголемуваше својата предност која достигна највисоки +14 (27-13). На крајот домаќинот славеше убедлив триумф од 27-14 за голема радост на германските навивачи кои до последно место ја исполнија арената.

Најпрецизен кај Германија беше Kнор со шест постигнати погодоци, а Рубин постигна четири гола кај Швајцарците.

.