Натпреварите од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп меѓу Охрид и Олимпијакос ќе минат без гостински навивачи.
Дуелите на 29 март во Атина и на 4 април во Охрид ќе бидат без навивачи на гостинските тимови, откако двата клуба во координација со ЕХФ се решија за ваков потег, поради немилите настани што се случија на последниот македонско-грчки двобој минатата сезона во истото натпреварување.
Од Охрид се огласија со соопштение на социјалните мрежи.
„Почитувани симпатизери, навивачи на ГРК ОХРИД и љубители на ракометната игра!Имајќи ги во предвид немилите настани кои се случија за време на одигрувањето на финалниот натпревар во ЕХФ Купот во натпреварувачката сезона 2024/2025 кој требаше да се одигра во Скопје помеѓу екипите на РК Алкалоид од Република Македонија и РК АЕК од Република Грција, а кој поради веќе познати причини не беше одигран, Ве информираме дека по барање на Европската Ракометна Федерација, ГРК Охрид и РК Олимпијакос по меѓусебната комуникација овие минати денови, а со цел да биде избегната ситуација слична или иста на онаа од минатата година, заеднички одлучија дека двете екипи нема да вршат продажба на билети на гостински навивачи и симпатизери на натпреварите на кои ќе се јават како организатори од четврт-финалната фаза на ЕХФ Европскиот Куп. ГРК Охрид ќе биде домаќин на вториот ¼ финален натпревар, кој ќе го одигра против екипата на РК Олимпијакос на ден 04.04.2026 година во 18.00 часот во СРЦ Билјанини Извори Охрид. Сите во сала, сите за историја, сите за Охрид!“, се вели во објавата на клубот.























