Едно од новите имиња во амбициозната екипа на Охрид од ова лето е грчкиот репрезентативец Николаос Лиапис. Кружниот напаѓач од јужниот сосед на Македонија потекнува од Фоивос, играше за великаните во грчкиот спорт – Олимпијакос, АЕК Атина и ПАОК Солун, а искуство собираше и во шпанскиот Адемар Леон.
Неговата статистика оваа сезона е одлична – 55 погодоци на 16 одиграни натпревари досега од 67 обиди, односно 82%, а тренерот Борис Ројевиќ за него ќе каже дека Лиапис е „дечкото што е нонстоп насмеан, носи ведрина и позитива, има харизма“.
„Охрид ме бараше и пред трансферот во Олимпијакос, слушнав многу убави работи за овој нов проект. Претседателот Ристески беше многу заинтересиран, за мене беше лесна одлука, особено што е блиску до мојот дом. Знаев дека се формира одличен ростер, градот е прекрасен, па беше лесно да ја прифатам понудата. Имаме планина, имаме езеро, има што да се прави секој ден, за мене не беше голема промена, бидејќи помалку или повеќе е слично како во мојата татковина. Најчесто пијам кафе покрај езеро, уживам во прошетките покрај езерото“, вели Лиапис.
Пивотот вели дека Охрид е вистинското место за него.
„Атмосферата во клубот е одлична, сите соиграчи ме пречекаа со отворено срце, па адаптицијата беше лесна. Сметам дека Охрид е вистинското место за мене. За секој проблем раководството веднаш излегува во пресрет, иако секогаш е тешко да се стигне до највисокото ниво, а за тоа треба време. Со секој ден се добива уште поголемо искуство, а Охрид тежнее да биде најдобар во сите сегменти. Нашата цел е следната сезона да играме во Лигата на Европа, да биде најмалку третопласирани и оваа сезона да стигнеме до финалето на ЕХФ Европскиот Куп“, вели Лиапис.

Неговиот ракометен пат почнува од клубот Фоивос, а Охрид за него е второто меѓународно искуство.
„Почнав во Фоивос на 13 години, потоа заминав во Олимпијакос на две и пол сезони, а една полусезона бев член на Диомидис Аргус, пред да заминам за ПАОК Солун. Одиграв една сезона во Шпанија и се вратив во Грција во дресот на АЕК Атина. Преминот од АЕК во големиот ривал Олимпијакос не е лесен, нормално дека фановите не го поддржуваат бидејќи ривалството е големо“, вели Лиапис.
Тој откри што прави во слободното време кога не е посветен на ракомет.
„Уживам да излезам и со соиграчите понекогаш, но најчесто сакам да бидам дома, гледам Аниме (јапонски филмови), а посветен сум и на завршувањето на моите студии по економија, каде ми остануваат уште три испити. Сакам да готвам, правам одлична мусака“, низ смеа коментира Лиапис.
Гркот се уште не знае што би правел по крајот на ракометната кариера.
„Ако не играш на високо ниво, не си платен добро за да можеш да живееш и после пензијата, па секогаш размислувам што би правел по завршувањето на кариерата – дали да инвестирам во некој бизнис или да работам нешто надвор од спортот“, вели Лиапис.
Кружниот напаѓач направи споредба меѓу шампионатот во неговата татковина и македонскиот.
„Овде се игра одличен ракомет и има четири силни тимови, за разлика од Грција каде два тима се издвојуваат, АЕК и Олимпијакос. Во машкиот ракомет во Грција се инвестира, но тоа не може да се споредува со фудбалот и кошарката. Но ни треба нешто повеќе од инвестирање, ни треба не само зборување, туку и поголеми дела. Имавме шанса да ја победиме Грузија и да се пласираме на последното ЕП, но не го направивме тоа. Мораме да бидеме постабилни и да немаме големи падови, не знам што, но мора да менуваме нешто. Сега имаме повеќе интернационалци низ Европа. Домашните играчи мора да инвестираат повеќе во себе“, заврши Лиапис.
Девојка на Лиапис е грчката репрезентативка Ламприни Цакалу, во моментов членка на Неа Јонија, а своевремено ракометарка на Подравка, Крим, Турингер…Цакалу секој слободен момент го користи да минува повеќе време во Охрид со нејзиниот сакан, а така беше за време на турнирот „Крсте Андоновски“, како и за некои од европските натпревари на Охрид.
„Храната е слична, мојата девојка доаѓа честопати да ме посетува и немам никакви проблеми, исто така и моите родители беа многупати во Охрид. Јас се трудам секој ден да бидам насмеан, да бидам позитивен, и да ја ширам мојата позитивна енергија меѓу другите“, заврши Лиапис.

























