Нант остана без средни бекови!

Тимот на Нант ќе има големи проблеми пред дуелот со данскиот Алборг во битката за второто место во групата во Лигата на шампионите кое води директно во четвртфиналето.

На дуелот од францускиот шампионат против Шарт, се повредија двата средни бекови Ајмерик Мин и Лукас Де Ла Бретеш.

Мин го свитка левото колено, додека кај Де Ла Бретеш веројатно се работи за посериозна повреда – руптура на лигаментите на десното колено, иако клубот допрва треба да ги потврди дијагнозите.

Нант остана без плејмејкери бидејќи словенечкиот репрезентативец Рок Овничек се повреди на СП 2025, а сега не можат да сметаат ниту на Мин и Де Ла Бретеш за средбата со Алборг во ЛШ и против ПСЖ од францускиот шампионат.